Нов Завет

Матеј 27:12-26 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

12. И кога Го обвинуваа првосвештениците и старешините, Тој ништо не одговараше.

13. Тогаш Пилат Му рече: „Не слушаш ли колку сведочат против Тебе?“

14. И не му одговори ниту на еден збор, така што управникот се чудеше многу.

15. А на секој Празник управникот имаше обичај да му пушта на народот по еден затвореник, кого тие сакаа.

16. Тогаш тие имаа еден прочуен затвореник, по име Варава.

17. И кога се собраа, Пилат им рече: „Кого сакате да ви го пуштам: Варава ли, или Исус, наречен Христос?“

18. Зашто знаеше дека Го беа предале од завист.

19. А во тоа време, кога тој седеше во судот, жена му порача да му кажат: „Не прави му ништо на Тој Праведник, зашто денеска многу пострадав на сон заради Него.“

20. Но првосвештениците и старешините го наговорија народот да го измоли Варава, а Исуса да Го погуби.

21. Тогаш управникот одговарајќи им рече: „Кого од двајцата сакате да ви го пуштам?“ Тие одговорија: „Варава!“

22. Пилат им рече: „А што да правам со Исус, наречен Христос?“ Му одговорија сите: „Да биде распнат!“

23. Управникот рече: „Па какво зло направил?“ Но тие уште посилно викаа и рекоа: „Да биде распнат!“

24. Пилат, штом виде дека ништо не помага, а буната се зголемува, зеде вода, ги изми рацете пред народот и рече: „Невин сум за крвта на Овој Праведник; мислете му вие!“

25. И одговарајќи целиот народ, рече: „Крвта Негова нека падне на нас и на нашите деца!“

26. Тогаш им го пушти Варава, а Исуса, откако Го камшикуваа, Го предаде да биде распнат.

Прочитајте целосна глава Матеј 27