Нов Завет

Матеј 27:1-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

1. А кога се раздени, сите првосвештеници и старешини направија договор против Исус за да Го убијат;

2. и откако Го врзаа, Го одведоа и Го предадоа на управникот Понтиј Пилат.

3. Тогаш Јуда, што Го предаде, кога виде дека е Тој осуден, се покаја и им ги врати триесетте сребреници на прво­свештениците и старешините,

4. велејќи им: „Згрешив, зашто предадов невина крв!“ А тие му одговорија: „Што ни е грижа нам за тоа? Мисли му ти!“

5. Тој ги фрли сребрениците во храмот, излезе и отиде, та се обеси.

6. Првосвештениците ги собраа сребрениците и рекоа: „Не чини да се стават во касата на храмот, бидејќи се цена за крв.“

7. Откако се советуваа, ја купија со нив грнчаревата нива, за погребување на странци.

8. Затоа и до денес таа нива се вика Крвна нива.

9. Тогаш се исполни реченото преку пророкот Еремија, кој вели: „И ги зедоа триесетте сребреници, цената на Непроценливиот, Кого Го оценија синовите Израилеви,

10. и ги дадоа за грнчаревата нива, како што ми кажа Господ.“

11. И Исус застана пред управникот. И тој Го праша, велејќи: „Ти ли си Царот Јудејски?“ Исус му одговори: „Ти велиш.“

12. И кога Го обвинуваа првосвештениците и старешините, Тој ништо не одговараше.

13. Тогаш Пилат Му рече: „Не слушаш ли колку сведочат против Тебе?“

Прочитајте целосна глава Матеј 27