Нов Завет

Матеј 26:61-75 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

61. и рекоа: „Овој кажа: ‚Можам да го урнам Божјиот храм и за три дни да го соѕидам.‘“

62. Тогаш стана првосвештеникот и Му рече: „Ништо ли не одговараш? Што сведочат овие против Тебе?“

63. Но Исус молчеше. А првосвештеникот Му рече: „Те заколнувам во живиот Бог да ни кажеш: Ти ли си Христос, Синот Божји?“

64. Исус му одговори: „Ти рече! Но, јас ви велам: отсега ќе Го гледате Синот Човечки како седи оддесно на Силата и како доаѓа на небесните облаци.“

65. Тогаш првосвештеникот ја раскина облеката своја и рече: „Овој хули на Бога! Каква потреба имаме повеќе од сведоци? Ете, сега го чувте Неговото хулење!

66. Што мислите?“ А тие одговорија и рекоа: „Заслужува смрт!“

67. Тогаш Го плукаа в лице и Го тепаа, а други Го удираа по образите

68. и говореа: „Проречи ни, Христе, кој Те удри?“

69. А Петар седеше надвор во дворот. И му пријде една слугинка и му рече: „И ти беше со Исус Галилеецот!“

70. Но тој се одрече пред сите, велејќи: „Не знам што зборуваш!“

71. А кога одеше кон вратата, го виде друга и им рече на оние што беа таму: „И овој беше со Исус од Назарет!“

72. Но тој пак се одрече со заклетва: „Не Го познавам Човекот!“

73. Малку потоа се приближија оние што стоеја таму и му рекоа на Петар: „Навистина, и ти си од нив, зашто и говорот твој те издава!“

74. Тогаш тој почна да се колне, и се заколна: „Не Го познавам Човекот!“ И веднаш запеа петел.

75. И се сети Петар на Исусовите зборови што му ги рече: „Уште петел пред да запее, трипати ќе се одречеш од Мене.“ Па излезе надвор и горко плачеше.

Прочитајте целосна глава Матеј 26