Нов Завет

Матеј 26:53-68 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

53. или мислиш дека не можам да Го помолам сега Својот Отец да Ми прати повеќе од дванаесет легиони ангели?

54. Но, како ќе се исполнат Писмата, ако ова не стане?“

55. Потоа Исус му рече на народот: „Како на разбојник сте излегле со мечеви и стапови за да Ме фатите. Секој ден седев со вас, поучувајќи во храмот, и не Ме фативте.

56. Но сето тоа стана за да се исполнат пророчките Писма.“ Тогаш сите ученици Го оставија и се разбегаа.

57. А оние што Го фатија Исус, Го одведоа кај првосвештеникот Кајафа, каде што беа собрани книжниците и старешините.

58. Петар, пак, одеше по Него оддалеку, до дворот на првосвештеникот; и влезе внатре, па седна со слугите за да го види крајот.

59. А првосвештениците и старешините, и целиот Синедрион бараа лажно сведоштво против Исус за да Го погубат

60. и не наоѓаа; и, макар што пристапија многу лажни сведоци, не најдоа. Но најпосле дојдоа двајца лажни сведоци

61. и рекоа: „Овој кажа: ‚Можам да го урнам Божјиот храм и за три дни да го соѕидам.‘“

62. Тогаш стана првосвештеникот и Му рече: „Ништо ли не одговараш? Што сведочат овие против Тебе?“

63. Но Исус молчеше. А првосвештеникот Му рече: „Те заколнувам во живиот Бог да ни кажеш: Ти ли си Христос, Синот Божји?“

64. Исус му одговори: „Ти рече! Но, јас ви велам: отсега ќе Го гледате Синот Човечки како седи оддесно на Силата и како доаѓа на небесните облаци.“

65. Тогаш првосвештеникот ја раскина облеката своја и рече: „Овој хули на Бога! Каква потреба имаме повеќе од сведоци? Ете, сега го чувте Неговото хулење!

66. Што мислите?“ А тие одговорија и рекоа: „Заслужува смрт!“

67. Тогаш Го плукаа в лице и Го тепаа, а други Го удираа по образите

68. и говореа: „Проречи ни, Христе, кој Те удри?“

Прочитајте целосна глава Матеј 26