Нов Завет

Матеј 26:36-47 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

36. Потоа отиде Исус со нив на едно место, наречено Гетсиманија, и им рече на учениците: „Поседете тука, додека отидам онаму да се помолам.“

37. И кога ги поведе со себе Петар и двајцата Заведееви синови, се натажи и почна да тагува.

38. Тогаш Исус им рече: „Смртно е нажалена Мојата душа; останете тука и бидете будни со Мене!“

39. Оддалечувајќи се малку, падна на лицето свое; се молеше и говореше: „Оче Мој, ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша; но, не како Јас што сакам, туку како Ти.“

40. Па дојде кај учениците и ги затече како спијат, и му рече на Петар: „Толку ли не можевте еден час да останете со Мене будни!?

41. Бидете будни и молете се, за да не паднете во искушение: духот е бодар, но телото е слабо.“

42. Пак и по втор пат отиде и се помоли, говорејќи: „Оче Мој, ако не може да ме одмине оваа чаша без да ја пијам, нека биде волјата Твоја!“

43. Кога дојде, пак ги најде како спијат, зашто очите им беа натежнале.

44. Откако ги остави, отиде и се помоли по третпат, изговарајќи ги истите зборови.

45. Тогаш пак дојде кај учениците Свои и им рече: „Сѐ уште спиете и почивате! Ете, наближи часот и Синот Човечки се предава во рацете на грешниците.

46. Станете, да одиме! Ете, се приближува оној што Ме предава.“

47. Додека Тој уште говореше, ете, Јуда, еден од дванаесетмината, дојде, и со него многу луѓе со мечеви и стапови, испратени од првосвештениците и старешините народни.

Прочитајте целосна глава Матеј 26