Нов Завет

Матеј 26:3-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

3. Тогаш првосвештениците, книжниците и старешините народни се собраа во дворот на првосвештеникот, по име Кајафа,

4. и се советуваа како да Го фатат Исус со измама и да Го убијат;

5. но рекоа: „Само не на празникот, за да не стане бунт меѓу народот.“

6. А кога беше Исус во Витанија, во куќата на Симон Лепрозниот,

7. Му пријде една жена со алабастерен сад со скапоцено миро и го изли врз главата Негова, кога Тој седеше на трпезата.

8. И кога го видоа тоа учениците Негови, негодуваа и рекоа: „Какво е тоа растурање?

9. Зашто тоа миро можеше скапо да се продаде и да им се даде на сиромасите.“

10. Но Исус, разбирајќи го тоа, им рече: „Зошто ја буните жената? Таа направи добро дело кон Мене!

11. Бидејќи сиромасите ги имате секогаш покрај себе, а Мене Ме немате секогаш;

12. таа, излевајќи го тоа миро врз телото Мое, Ме приготви за погреб.

13. Вистина, ви велам: каде и да биде проповедано ова Евангелие, по цел свет ќе се прикажува тоа што го направи таа, за нејзин спомен.“

14. Тогаш еден од дванаесетмината, по име Јуда Искариотски, отиде кај првосвештениците

15. и рече: „Што ќе ми дадете, па да ви Го предадам?“ А тие му предложија триесет сребреници.

16. И оттогаш тој бараше погодно време да Го предаде.

Прочитајте целосна глава Матеј 26