Нов Завет

Матеј 24:31-44 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

31. и ќе ги испрати Своите ангели со силен трубен глас, и ќе ги соберат Неговите избраници од четирите ветра, од едниот до другиот крај на небесата.“

32. „Научете ја параболата од смоквата: штом ќе се подмладат нејзините гранки и пуштат лисја, знаете дека е близу летото;

33. Така и вие, кога ќе го видите сето тоа, знајте дека е близу, пред вратата.

34. Вистина ви велам: нема да мине овој род додека сето ова не се исполни.

35. Небото и земјата ќе минат, но зборовите Мои нема да минат.“

36. „А за тој ден и час никој не знае, ниту ангелите небесни, туку само Мојот Отец;

37. но, како што беше во деновите на Ное, така ќе биде и при доаѓањето на Синот Човечки;

38. зашто, како што во деновите пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и се мажеа до оној ден кога Ное влезе во ковчегот,

39. и не сфатија додека не дојде потопот и истреби сѐ – така ќе биде и доаѓањето на Синот Човечки.

40. Тогаш ќе бидат двајца на нива: еден ќе биде земен, а другиот ќе биде оставен;

41. две жени ќе мелат со рачна мелница: едната ќе биде земена, а другата ќе биде оставена.

42. Па така, бидете будни, зашто не знаете во кој час ќе дојде вашиот Господ.

43. Знајте го и ова: кога домаќинот на куќата би знаел во кој час ќе дојде крадецот, тој би останал буден и не би дозволил да му провалат во куќата.

44. Затоа и вие треба да бидете подготвени, зашто Синот Човечки доаѓа во часот кога не очекувате.“

Прочитајте целосна глава Матеј 24