Нов Завет

Матеј 24:29-41 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

29. „И веднаш, по маките на тие дни, сонцето ќе се помрачи и месечината нема да ја дава својата светлина, и ѕвезди ќе паѓаат од небото, и силите небески ќе се разнишаат.

30. Тогаш ќе се јави на небото знакот на Синот Човечки и ќе заплачат сите земни племиња, и ќе Го видат Синот Човечки како доаѓа на небесните облаци, со сила и голема слава;

31. и ќе ги испрати Своите ангели со силен трубен глас, и ќе ги соберат Неговите избраници од четирите ветра, од едниот до другиот крај на небесата.“

32. „Научете ја параболата од смоквата: штом ќе се подмладат нејзините гранки и пуштат лисја, знаете дека е близу летото;

33. Така и вие, кога ќе го видите сето тоа, знајте дека е близу, пред вратата.

34. Вистина ви велам: нема да мине овој род додека сето ова не се исполни.

35. Небото и земјата ќе минат, но зборовите Мои нема да минат.“

36. „А за тој ден и час никој не знае, ниту ангелите небесни, туку само Мојот Отец;

37. но, како што беше во деновите на Ное, така ќе биде и при доаѓањето на Синот Човечки;

38. зашто, како што во деновите пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и се мажеа до оној ден кога Ное влезе во ковчегот,

39. и не сфатија додека не дојде потопот и истреби сѐ – така ќе биде и доаѓањето на Синот Човечки.

40. Тогаш ќе бидат двајца на нива: еден ќе биде земен, а другиот ќе биде оставен;

41. две жени ќе мелат со рачна мелница: едната ќе биде земена, а другата ќе биде оставена.

Прочитајте целосна глава Матеј 24