Нов Завет

Матеј 23:19-36 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

19. Безумни и слепи! Што е посвето: дарот или жртвеникот што го осветува дарот?

20. А кој ќе се заколне во жртвеникот, се колне во него и во сѐ што е врз него;

21. и кој ќе се заколне во храмот, се колне во него и во Оној Кој живее во него;

22. и кој ќе се заколне во небото, се колне во престолот Божји и во Оној, што седи на него.

23. Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто давате десеток од нане, копра и ким, а сте го оставиле најважното во Законот: праведноста, милоста и верата; ова требаше да го правите, а и она да не го оставате.

24. Водачи слепи, вие комарецот го цедите, а камилата ја проголтувате!

25. Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто ги чистите чашата и чинијата однадвор, додека внатре тие се полни со грабеж и неправда.

26. Слеп фарисеју, очисти ги чашата и чинијата најнапред внатре, за да бидат чисти и однадвор.

27. Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто личите на варосани гробови, што однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со мртовечки коски и секаква нечистотија.

28. Така и вие, однадвор им се покажувате на луѓето како праведни, а внатре сте полни со лицемерност и беззаконие.“

29. „Тешко вам книжници и фарисеи, лицемери, зашто им ѕидате гробници на пророците и ги украсувате спомениците на праведните,

30. па велите: ‚Да живеевме во дните на нашите татковци, немаше да станеме нивни соучесници во крвта на пророците.‘

31. А со тоа сведочите сами против себе, дека сте синови на оние што ги убиле пророците.

32. Дополнете ја и вие мерата на татковците ваши!

33. Змии и рожби аспидини, како ќе побегнете од осудата за во пеколот?

34. Затоа, ете, Јас праќам кај вас пророци и мудреци и книжници; едни ќе убиете и распнете, а други ќе тепате по синагогите ваши и ќе ги прогонувате од град во град;

35. за да падне врз вас сета праведна крв што е пролеана на земјата, од крвта на праведниот Авел па до крвта на Захарија, синот на Варахија, кого го убивте меѓу храмот и жртвеникот.

36. Вистина, ви велам: сето тоа ќе дојде врз овој род!“

Прочитајте целосна глава Матеј 23