Нов Завет

Матеј 21:27-45 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

27. И, одговарајќи Му на Исус, рекоа: „Не знаеме.“ А Тој им рече: „Ниту Јас не ви кажувам со каква власт го правам ова.“

28. „Што мислите за ова? Еден човек имаше два сина; па отиде кај првиот и му рече: ‚Сине, оди денес да работиш во моето лозје!‘

29. Тој одговори и рече: ‚Не сакам!‘ но потоа се покаја и отиде.

30. Отиде и кај вториот, и му го рече истото. Тој одговори и рече: ‚Ќе отидам, господаре.‘ Но не отиде.

31. Кој од двајцата ја исполни татковата волја?“ Му рекоа: „Првиот.“ Тогаш Исус им рече: „Вистина ви велам дека цариниците и блудниците пред вас ќе влезат во царството Божјо:

32. зашто дојде кај вас Јован по патот на праведноста и вие не му поверувавте, а цариниците и блудниците му поверуваа; вие, пак, иако видовте, не се предомисливте отпосле за да му поверувате.“

33. „Чујте друга парабола! Беше еден човек домаќин, кој насади лозје, го загради со плот, ископа во него бунар, направи кула и, откако им го предаде на лозарите, си отиде.

34. И кога наближи времето за берба, тој ги испрати кај лозарите своите слуги за да ги земат плодовите негови.

35. Но, лозарите, ги фатија неговите слуги, едниот го претепаа, другиот го убија, а третиот со камења го засипаа.

36. Тој повторно испрати други слуги, повеќе од првите; но и со нив постапија исто.

37. Најпосле го испрати кај нив својот син, велејќи: ‚Ќе се засрамат од син ми.‘

38. Но лозарите, штом го видоа син му, си рекоа меѓу себе: ‚Овој е наследникот; ајде да го убиеме и да го присвоиме наследството негово.‘

39. Па, го фатија, го изведоа надвор од лозјето и го убија.

40. Кога ќе дојде господарот на лозјето, што ќе им направи на тие лозари?“

41. Му одговорија: „Злосторниците жестоко ќе ги погуби, а лозјето ќе го даде на други лозари што ќе му ги даваат плодовите навреме.“

42. А Исус им рече: „Зар никогаш не сте читале во Писмата: ‚Каменот што го отфрлија ѕидарите, стана камен темелник: тоа е од Господ и чудесно е во очите наши.‘

43. Затоа ви велам дека царството Божјо ќе биде земено од вас и ќе се даде на народ што ги принесува неговите плодови.

44. И кој падне врз тој камен, ќе се разбие; а врз кого тој ќе падне, ќе го здроби.“

45. И слушајќи ги Неговите параболи, првосвештениците и фарисеите разбраа дека говори за нив,

Прочитајте целосна глава Матеј 21