9. И дојдените околу единаесеттиот час добија по денариј.
10. А кога дојдоа првите, помислија дека ќе примат повеќе; но и тие добија по денариј;
11. и штом добија, негодуваа против господарот
12. и велеа: ‚Овие последните работеа еден час, а ти ги изедначи со нас, што ја претрпевме тежината на денот и жегата.‘
13. А тој им одговори и му рече на еден од нив: ‚Пријателе, не те онеправдувам: нели се погоди со мене за денариј?
14. Земи си го своето и оди си; и на овој последниов, сакам да му дадам колку и тебе;
15. зар немам право да чинам со своето што сакам? Или ти е окото завидливо, зашто сум дарежлив?‘
16. Така ќе бидат последните први, а првите – последни; зашто мнозина се повикани, но малкумина се избрани.“
17. И кога се искачуваше Исус кон Ерусалим, ги зеде насамо дванаесетте ученици и по патот им рече:
18. „Ете, се искачуваме кон Ерусалим и Синот Човечки ќе им биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт,
19. и ќе Го предадат на незнабошците за да биде исмеан, и тепан, и распнат; и на третиот ден ќе воскресне.“
20. Тогаш пристапи до Него мајката на Заведеевите синови, заедно со своите синови и, поклонувајќи Му се, Го молеше нешто.
21. А Тој ѝ рече: „Што сакаш?“ Таа Му одговори: „Заповедај овие мои два сина да седнат до Тебе, едниот од десно, а другиот од лево во Твоето царство!“