Нов Завет

Матеј 18:1-11 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

1. Во тој час Му пристапија учениците до Исуса и рекоа: „Кој е најголем во царството небесно?“

2. И Исус повика едно дете, го постави меѓу нив

3. и им рече: „Вистина ви велам, ако не се обратите и не бидете како деца, нема да влезете во царството небесно:

4. кој, пак, ќе се понизи како ова дете, тој е најголем во царството небесно;

5. и кој прима такво дете во Мое име, Мене Ме прима.“

6. „Кој ќе соблазни едно од овие мали, кои веруваат во Мене, за него е подобро да му се обеси воденички камен на вратот и да потоне во морска длабочина.

7. Тешко му на светот од соблазни, зашто соблазните треба да дојдат; но тешко му на оној човек, преку кого доаѓа соблазната.

8. Ако те соблазнува раката твоја или ногата твоја, отсечи ја и фрли ја од себе: подобро е за тебе да влезеш во животот куц или сакат, отколку со двете раце и двете нозе да бидеш фрлен во вечниот оган;

9. и ако те соблазнува окото твое, извади го и фрли го од себе: подобро е за тебе да влезеш во животот со едно око, отколку да ги имаш и двете очи, а да бидеш фрлен во огнениот пекол.“

10. „Гледајте да не презрете едно од овие мали, зашто, ви велам, нивните ангели на небесата постојано го гледаат лицето на Мојот Отец небесен.

11. Зашто Синот Човечки дојде да го бара и спаси загубеното.

Прочитајте целосна глава Матеј 18