Нов Завет

Матеј 17:17-27 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

17. А Исус одговори и рече: „О, роде безверен и развратен! До кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете Ми го тука!“

18. И му нареди Исус и демонот излезе од него; и момчето оздраве во тој час.

19. Тогаш учениците пристапија кон Исус насамо и Му рекоа: „Зошто не можевме ние да го истераме?“

20. А Исус им рече: „Заради вашето безверие: зашто, вистина, ви велам, ако имате вера колку синапово зрно, ќе ѝ речете на оваа планина: ‚Премести се одовде таму!‘ И таа ќе се премести, и ништо нема да биде за вас неможно.

21. Овој, пак, род се истерува само со молитва и пост.“

22. А кога беа во Галилеја, Исус им рече: „Синот Човечки ќе биде предаден во раце човечки,

23. и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе воскресне.“ И тие многу се нажалија.

24. А кога пристигнаа во Капернаум, му пристапија на Петар оние што собираа дидрахми и му рекоа: „Учителот ваш не плаќа ли дидрахми?“

25. Тој одговори: „Плаќа.“ И кога влезе дома, Исус го испревари и рече: „Што мислиш, Симоне? Земните цареви од кого земаат царина или данок? Од своите синови или од туѓи?“

26. Петар Му одговори: „Од туѓите.“ Исус му рече: „Значи, синовите се ослободени;

27. но, за да не ги соблазниме, отиди до морето, фрли јадица и првата риба што ќе ја уловиш, земи ја; и, кога ќе ѝ ја отвориш устата, ќе најдеш статир; земи го и подај им го за Мене и за себе!“

Прочитајте целосна глава Матеј 17