1. А по шест дни Исус ги зеде со Себе Петар, Јаков и брат му Јован, и ги изведе на висока гора сами;
2. и се преобрази пред нив; и лицето Негово светна како сонце, а алиштата Негови станаа бели како светлина.
3. И ете, им се јавија Мојсеј и Илија, кои разговараа со Него.
4. Тогаш Петар Му одговори на Исус и рече: „Господи, добро ни е да бидеме овде; ако сакаш да направиме три колиби: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија.“
5. Додека уште говореше, ете, ги засени светол облак; и се чу глас од облакот кој велеше: „Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја; Него послушајте Го!“
6. И кога го чуја тоа учениците, паднаа ничкум и многу се уплашија.
7. Но Исус, откако им пријде, се допре до нив и им рече: „Станете и не плашете се!“
8. А тие, кога ги подигнаа очите, не видоа никој друг освен Исус.
9. А кога слегуваа од гората, Исус им заповеда и рече: „Никому не кажувајте што видовте додека Синот Човечки не воскресне од мртвите!“