Нов Завет

Матеј 15:31-39 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

31. така што народот се восхитуваше гледајќи како неми зборуваат, сакати оздравуваат, куци се движат и слепи прогледуваат и Го прославуваше Бога Израилев.

32. А Исус, кога ги повика учениците Свои, им рече: „Жал ми е за луѓето, зашто три дни веќе стојат кај Мене и немаат што да јадат; а да ги распуштам гладни, не би сакал, за да не премалеат по патот.“

33. Но учениците Негови Му рекоа: „Од каде при нас толку леб во пустинава за да се нахрани толку народ?“

34. Исус ги праша: „Колку лебови имате?“ А тие одговорија: „Седум и неколку рипчиња.“

35. Тогаш му заповеда Исус на народот да поседне по земјата.

36. И откако ги зеде седумте лебови и рибите, заблагодари, ги прекрши и им ги даде на учениците Свои, а учениците – на народот.

37. И јадеа сите и се наситија; и кренаа останати парчиња – седум полни кошници.

38. А оние што јадеа беа четири илјади мажи, покрај жените и децата.

39. Па, штом го распушти народот, влезе во кораб и дојде во магдалските предели.

Прочитајте целосна глава Матеј 15