Нов Завет

Матеј 15:16-32 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

16. А Исус им рече: „Ама вие, уште ли не сфаќате?

17. Уште ли не разбирате дека сѐ што влегува во устата, минува преку стомакот и се исфрлува надвор?

18. А она што излегува од устата, излегува од срцето и тоа го осквернува човекот;

19. зашто од срцето излегуваат лоши помисли, убиства, прељубодејства, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули;

20. тоа го осквернува човекот. А да се јаде со неизмиени раце, тоа не го осквернува човекот.“

21. И кога излезе оттаму Исус, замина во краевите Тирски и Сидонски.

22. И ете, една жена Хананејка, излезе од оние краишта, повика кон Него, велејќи: „Смилувај ми се, Господи, Сине Давидов! Ќерка ми жестоко ја мачи демон.“

23. Но Тој не ѝ одговори ниту збор. И откако пристапија до Него, учениците Негови Го молеа и велеа: „Отпушти ја, зашто вика по нас.“

24. А Тој одговори и рече: „Јас сум пратен само кај загубените овци на домот израилев.“

25. Но таа, кога пристапи, Му се поклони и велеше: „Господи, помогни ми!“

26. Тој, одговарајќи ѝ рече: „Не е добро да се земе лебот од децата и да се фрли на кучињата.“

27. Но таа Му рече: „Да, Господи, но и кучињата јадат од трошките што паѓаат од трпезата на своите господари.“

28. Тогаш Исус одговори и рече: „О, жено, голема е твојата вера; нека ти биде по желбата твоја!“ И во тој час оздраве ќерката нејзина.

29. Штом замина оттаму, Исус дојде кај Галилејското Море, се искачи на гората и седна таму.

30. И дојде кај Него многу народ, кој имаше со себе куци, слепи, неми, сакати и многу други, и ги положија пред нозете на Исус, и Тој ги исцели,

31. така што народот се восхитуваше гледајќи како неми зборуваат, сакати оздравуваат, куци се движат и слепи прогледуваат и Го прославуваше Бога Израилев.

32. А Исус, кога ги повика учениците Свои, им рече: „Жал ми е за луѓето, зашто три дни веќе стојат кај Мене и немаат што да јадат; а да ги распуштам гладни, не би сакал, за да не премалеат по патот.“

Прочитајте целосна глава Матеј 15