Нов Завет

Матеј 14:24-36 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

24. А коработ беше веќе на сред море и брановите го удираа, зашто ветрот дуваше спротивно.

25. Но на четвртата стража преку ноќта, дојде Исус кај нив, одејќи по морето.

26. А учениците, штом Го видоа како оди по морето, се уплашија и рекоа: „Тоа е привидение!“ и од страв извикаа.

27. Но, Исус веднаш им прозборе, велејќи: „Не бојте се! Јас сум, не плашете се!“

28. А Петар, одговарајќи Му, рече: „Господи, ако си Ти, заповедај да дојдам кај Тебе по водата!“

29. И Исус му рече: „Дојди!“ Па штом излезе од коработ, Петар тргна по водата за да дојде кај Исуса;

30. но, кога го виде силниот ветар, се уплаши, почна да тоне и извика: „Господи, спаси ме!“

31. Исус веднаш му подаде рака, го фати и му рече: „Маловернику, зошто се посомнева?“

32. И кога влегоа во коработ, ветрот престана.

33. А оние што беа во коработ Му пристапија, Му се поклонија и рекоа: „Навистина, Ти си Син Божји!“

34. Па откако преминаа, дојдоа во земјата Генисаретска.

35. Луѓето од тоа место, штом Го познаа, разгласија по целата таа околија и ги донесоа кај Него сите болни.

36. И Го молеа да се допрат барем до крајот од Неговата облека; и тие што се допреа, се излекуваа.

Прочитајте целосна глава Матеј 14