Нов Завет

Матеј 13:49-58 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

49. Така ќе биде и при крајот на светот: ќе излезат ангелите и ќе ги одделат лошите од праведните,

50. и ќе ги фрлат во огнена печка: таму ќе има плач и крцкање со заби.“

51. И ги праша Исус: „Дали го разбравте сето ова?“ Тие Му рекоа: „Да, Господи!“

52. А Тој им рече: „Затоа секој книжник, кој се научил за царството небесно, прилега на домаќин што изнесува од својата ризница ново и старо.“

53. И, откако ги кажа Исус овие параболи, си замина оттаму.

54. А штом дојде во Својот роден крај, ги поучуваше во синагогата нивна, така што сите се чудеа и велеа: „Од каде кај Него ваква мудрост и моќ?

55. Нели е Овој син на дрводелецот? Мајка Му нели се вика Марија, и браќата Негови – Јаков и Јосија, Симон и Јуда?

56. И сестрите Негови не се ли сите меѓу нас? Од каде, пак, сето тоа кај Него?“

57. И се соблазнуваа заради Него. А Исус им рече: „Нема пророк без чест, освен во земјата негова и во домот негов.“

58. И не направи таму многу чуда поради нивното неверие.

Прочитајте целосна глава Матеј 13