Нов Завет

Лука 9:37-51 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

37. А на другиот ден, додека се симнуваа од гората, Му доаѓаше во пресрет многу народ.

38. И ете, некој од народот извика: „Учителе, Ти се молам, погледни на мојот син, зашто ми е единец!

39. Духот одненадеж го зграпчува и ете, тој почнува да вриска. Го растргнува толку силно, што тој се запенува, и откако многу ќе го измачи, одвај го пушта.

40. Ги помолив учениците Твои да го истераат, но тие не можеа.“

41. Одговори Исус и рече: „О, роде безверен и развратен! До кога ќе бидам со вас и до кога ќе ве трпам? Доведи го синот твој тука!“

42. И додека тој уште приоѓаше, злиот дух го кутна и почна да го тресе. Но Исус му заповеда на нечистиот дух и го излекува момчето и го предаде на татко му.

43. И сите беа вчудовидени од Божјото величие. И додека сите се восхитуваа на сѐ што правеше Исус, Тој им рече на учениците Свои:

44. „Ставете ги во ушите свои овие зборови: ‚Синот Човечки ќе биде предаден во рацете на луѓето.‘“

45. Но тие не го разбраа овој говор, зашто беше прикриен од нив за да не го разберат, а се плашеа да Го прашаат за значењето на овој говор.

46. И им дојде мисла: кој од нив е најголем.

47. А Исус, знаејќи ја мислата на нивните срца, зеде едно дете и го постави покрај Себе,

48. па им рече: „Кој го прима ова дете во Мое име, Мене Ме прима; а кој Ме прима Мене, го прима Оној што Ме пратил; зашто кој е најмал меѓу вас, тој е голем.“

49. Проговори Јован и рече: „Учителе, видовме еден човек, кој во Твое име истерува демони, па му забранивме, бидејќи не оди со нас.“

50. Исус му рече: „Не забранувајте му! Зашто, кој не е против вас, тој е со вас.“

51. А кога се навршуваа деновите на неговото воздигнување, Тој одлучи да тргне на пат за Ерусалим;

Прочитајте целосна глава Лука 9