Нов Завет

Лука 9:33-45 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

33. И кога се разделуваа од Него, Петар без да знае што зборува, Му рече на Исус: „Учителе, добро е да останеме овде; да направиме три колиби: за Тебе една, за Мојсеј една, и за Илија една!“

34. Додека го велеше тоа, се појави облак и ги засени; и се уплашија штом влегоа во облакот.

35. И дојде глас од облакот, кој велеше: „Овој е Мојот возљубен Син; Него послушајте Го!“

36. А кога се чу тој глас, Исус беше останал сам. И тие премолчаа и никому ништо не кажаа во тоа време за она што беа виделе.

37. А на другиот ден, додека се симнуваа од гората, Му доаѓаше во пресрет многу народ.

38. И ете, некој од народот извика: „Учителе, Ти се молам, погледни на мојот син, зашто ми е единец!

39. Духот одненадеж го зграпчува и ете, тој почнува да вриска. Го растргнува толку силно, што тој се запенува, и откако многу ќе го измачи, одвај го пушта.

40. Ги помолив учениците Твои да го истераат, но тие не можеа.“

41. Одговори Исус и рече: „О, роде безверен и развратен! До кога ќе бидам со вас и до кога ќе ве трпам? Доведи го синот твој тука!“

42. И додека тој уште приоѓаше, злиот дух го кутна и почна да го тресе. Но Исус му заповеда на нечистиот дух и го излекува момчето и го предаде на татко му.

43. И сите беа вчудовидени од Божјото величие. И додека сите се восхитуваа на сѐ што правеше Исус, Тој им рече на учениците Свои:

44. „Ставете ги во ушите свои овие зборови: ‚Синот Човечки ќе биде предаден во рацете на луѓето.‘“

45. Но тие не го разбраа овој говор, зашто беше прикриен од нив за да не го разберат, а се плашеа да Го прашаат за значењето на овој говор.

Прочитајте целосна глава Лука 9