Нов Завет

Лука 9:1-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

1. Откако ги повика Дванаесетмината, им даде сила и власт над сите нечисти духови, и да лекуваат болести.

2. И потоа ги прати да го проповедаат царството Божјо и да лекуваат болни.

3. И им рече: „Не земајте ништо за по пат: ниту стап, ниту торба, ниту леб, ниту сребро, ниту по две облеки да имате!

4. И, во која куќа ќе влезете, таму останувајте, и оттаму тргнувајте на пат.

5. А, ако некои не ве примат, излегувајќи од тој град, истресете го и правот од нозете свои, ним за сведоштво.“

6. А кога излегоа, тие одеа по селата проповедајќи го Евангелието и лекувајќи насекаде.

7. Кога слушна Ирод четворовласникот што Тој прави, беше збунет, зашто некои велеа дека Јован воскреснал од мртвите;

8. други, пак, дека се јавил Илија, а некои – дека се дигнал еден од старите пророци.

9. И рече Ирод: „На Јован јас му ја отсеков главата; но кој ќе е Овој, за Кого што слушам такви нешта?“ И сакаше да Го види.

10. А апостолите, кога се вратија, Му раскажаа што направиле. Тогаш ги зеде, отиде насамо во пусто место до градот, наречен Витсаида.

11. Но народот штом разбра – тргна по Него. И кога ги прими, им зборуваше за царството Божјо, и ги лекуваше оние што имаа потреба од лекување.

12. А денот почна да намалува. И пријдоа до Него Дванаесетмината и Му рекоа: „Отпушти го народот да оди по околните села и колиби на ноќевање и да си најде храна; зашто овде сме во пусто место.“

13. Но Тој им рече: „Дајте им вие да јадат!“ Тие одговорија: „Ние немаме повеќе од пет леба и две риби, освен ако отидеме и купиме храна за сите овие луѓе.“

14. А луѓето беа околу пет илјади. Но Тој им рече на учениците Свои: „Кажете им да поседнат во групи по педесет.“

15. И направија така, и ги поредија сите.

16. А Тој, кога ги зеде петте леба и двете риби, погледна кон небото, ги благослови, ги раскрши и им ги даде на учениците за да ги стават пред народот.

Прочитајте целосна глава Лука 9