Нов Завет

Лука 8:40-49 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

40. А кога се врати Исус, народот Го пресретна, зашто сите Го очекуваа.

41. И ете, дојде еден човек, по име Јаир, кој беше управник на синагогата. Тој падна пред нозете Исусови, и Го молеше да влезе во домот негов,

42. зашто имаше една единствена ќерка на дванаесет години и таа умираше. А кога одеше Исус, народот се туркаше во Него.

43. И една жена, која боледуваше дванаесет години од крвотечение, и сиот свој имот го беше потрошила по лекари, а ниеден не можел да ја излекува,

44. пристапувајќи одзади, се допре до крајот на Неговата облека и наеднаш ѝ престана крвотечението.

45. И рече Исус: „Кој се допре до Мене?“ А бидејќи сите порекнуваа, Му рече Петар и оние што беа со Него „Учителе, народот Те опколил и Те притиска, а прашуваш: ‚Кој се допре до Мене?‘“

46. Но Исус рече: „Некој се допре до Мене, зашто сетив дека излезе сила од Мене.“

47. Жената, штом виде дека не може да се сокрие, со треперење пристапи, па како падна пред Него, Му кажа пред сиот народ зошто се допрела и дека веднаш оздравела.

48. А Тој ѝ рече: „Не бој се, ќерко, верата твоја те спаси; оди си во мир!“

49. Додека Тој уште зборуваше, дојде некој откај старешината на синагогата и Му рече: „Ќерка ти умре; не мачи Го Учителот!“

Прочитајте целосна глава Лука 8