Нов Завет

Лука 8:4-23 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

4. А кога се насобра многу народ, и кога жителите од секој град доаѓаа кај Него, рече во парабола:

5. „Излезе сејач да сее семе. Додека сееше, едно падна покрај пат и беше изгазено, и птиците небески го исколваа;

6. а друго падна на камен, па штом никна, се исуши, зашто немаше влага;

7. едно, пак, падна меѓу трње; и израсна трњето, па го задуши;

8. а друго падна на добра земја, и кога изникна, донесе стократен плод.“ Откако го рече ова, извика: „Кој има уши да слуша, нека чуе!“

9. А учениците Негови Го прашаа, велејќи: „Што значи оваа парабола?“

10. Тој рече: „Вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството Божјо, а на другите ќе им се зборува со параболи, да гледаат, а да не видат, и да слушаат, а да не разберат!

11. А оваа парабола значи: семето е словото Божјо.

12. Она што падна покрај патот, тоа се оние кои слушаат, но потоа доаѓа ѓаволот и им го зема словото од срцата нивни, за да не поверуваат и да не се спасат;

13. а она на камен – тоа се оние кои, кога ќе го чујат словото, со радост го примаат; но немаат корен и веруваат некое време, а во време на искушенијата, тие отпаѓаат;

14. тоа, пак, што падна меѓу трње, се оние што го слушаат словото, но откако ќе заминат, се гушат од грижи, богатства и наслади од овој живот и не донесуваат плод;

15. а тоа што падна на добрата земја, се тие што го слушаат словото и го чуваат во добро и чисто срце, и донесуваат плод во трпение.“ Штом го рече тоа, извика: „Кој има уши да слуша, нека чуе!“

16. „Никој не ја поклопува со сад свеќата што ја запалил, ниту ја става под легло, туку ја става на свеќник, за да ја гледаат светлината оние што влегуваат.

17. Зашто нема тајно што не ќе стане јавно, ниту, пак, сокриено што не ќе се разбере и не ќе излезе на виделина.

18. Па затоа: пазете како слушате; зашто, кој има, ќе му се даде; а кој нема, ќе му се одземе и она што мисли дека го има.“

19. Дојдоа кај Него мајка Му и браќата Негови, и не можеа да пријдат до Него поради народот.

20. И Му јавија, велејќи: „Мајка Ти и браќата Твои стојат надвор и сакаат да Те видат.“

21. А Тој им одговори и рече: „Мојата мајка и Моите браќа се оние што го слушаат словото Божјо и го исполнуваат.“

22. Еден ден влезе Тој во кораб со учениците Свои и им рече: „Да минеме на другата страна од езерото!“ И појдоа.

23. Додека пловеа, Тој заспа. А над езерото се појави бурен ветар, водата навлегуваше и тие беа во опасност.

Прочитајте целосна глава Лука 8