Нов Завет

Лука 8:35-50 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

35. И излегоа да видат што станало; па кога дојдоа кај Исус, го најдоа човекот, од кого беа излегле нечистите духови, како седи пред нозете Исусови, облечен и со здрав разум; и се исплашија.

36. А оние што беа виделе, им раскажаа како се излечи бесомачниот.

37. Сиот народ од Гадаринскиот крај Го замоли да си оди од нив; зашто ги беше опфатил голем страв. И Тој влезе во коработ и се врати.

38. Човекот, пак, од кого беа излегле демоните, Го замоли да биде со Него; но Исус го отпушти, велејќи:

39. „Врати се во домот свој и раскажувај што ти направи Бог!“ Тој си отиде и расправаше по целиот град што му направи Исус.

40. А кога се врати Исус, народот Го пресретна, зашто сите Го очекуваа.

41. И ете, дојде еден човек, по име Јаир, кој беше управник на синагогата. Тој падна пред нозете Исусови, и Го молеше да влезе во домот негов,

42. зашто имаше една единствена ќерка на дванаесет години и таа умираше. А кога одеше Исус, народот се туркаше во Него.

43. И една жена, која боледуваше дванаесет години од крвотечение, и сиот свој имот го беше потрошила по лекари, а ниеден не можел да ја излекува,

44. пристапувајќи одзади, се допре до крајот на Неговата облека и наеднаш ѝ престана крвотечението.

45. И рече Исус: „Кој се допре до Мене?“ А бидејќи сите порекнуваа, Му рече Петар и оние што беа со Него „Учителе, народот Те опколил и Те притиска, а прашуваш: ‚Кој се допре до Мене?‘“

46. Но Исус рече: „Некој се допре до Мене, зашто сетив дека излезе сила од Мене.“

47. Жената, штом виде дека не може да се сокрие, со треперење пристапи, па како падна пред Него, Му кажа пред сиот народ зошто се допрела и дека веднаш оздравела.

48. А Тој ѝ рече: „Не бој се, ќерко, верата твоја те спаси; оди си во мир!“

49. Додека Тој уште зборуваше, дојде некој откај старешината на синагогата и Му рече: „Ќерка ти умре; не мачи Го Учителот!“

50. Но Исус, штом го слушна тоа, му одговори и рече: „Не плаши се! Само верувај и ќе биде спасена!“

Прочитајте целосна глава Лука 8