Нов Завет

Лука 8:18-29 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

18. Па затоа: пазете како слушате; зашто, кој има, ќе му се даде; а кој нема, ќе му се одземе и она што мисли дека го има.“

19. Дојдоа кај Него мајка Му и браќата Негови, и не можеа да пријдат до Него поради народот.

20. И Му јавија, велејќи: „Мајка Ти и браќата Твои стојат надвор и сакаат да Те видат.“

21. А Тој им одговори и рече: „Мојата мајка и Моите браќа се оние што го слушаат словото Божјо и го исполнуваат.“

22. Еден ден влезе Тој во кораб со учениците Свои и им рече: „Да минеме на другата страна од езерото!“ И појдоа.

23. Додека пловеа, Тој заспа. А над езерото се појави бурен ветар, водата навлегуваше и тие беа во опасност.

24. Пристапија и Го разбудија, говорејќи: „Учителе, Учителе, загинуваме!“ А Тој, штом се разбуди, им заповеда на ветрот и на водните бранови; и тие се смирија и настана тишина.

25. И им рече: „Каде е верата ваша?“ А тие се уплашија и се чудеа, велејќи си еден на друг: „Кој е Овој што и на ветровите и на водата им заповеда и Го слушаат?“

26. И пристигна во Гадаринскиот крај, спроти Галилеја.

27. А кога излезе Тој на суво, Го сретна еден човек од градот, кој беше обземен од демони и долго време не облекуваше алишта, и не живееше дома, туку во гробовите.

28. Кога Го виде Исус, викајќи падна пред Него, и гласно рече: „Што сакаш од мене, Ти, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Ти се молам, не мачи ме!“

29. А Исус му беше заповедал на нечистиот дух да излезе од човекот, зашто долго време го мачеше. Го чуваа во окови, и со ланци го врзуваа, но тој ги раскинуваше оковите и демонот го тераше да оди во пусти места.

Прочитајте целосна глава Лука 8