Нов Завет

Лука 6:33-48 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

33. И ако им правите добро на оние што вам ви прават добро, каква ви е благодарноста? Зашто и грешниците го прават истото.

34. И ако им дадете заем на оние од кои се надевате дека ќе ви го вратат, каква ви е наградата? Зашто и грешниците им даваат заем на грешници за да им се врати истото.

35. Туку вие љубете ги непријателите ваши и чинете добро, и на заем давајте, не очекувајќи ништо. Така, ќе биде голема наградата ваша и ќе бидете синови на Севишниот; зашто Тој е добар кон неблагодарните и кон лошите.

36. И така, бидете милосрдни како што е милосрден вашиот Отец.“

37. „Не судете и нема да бидете судени, и не осудувајте, за да не бидете осудени; проштевајте и ќе ви биде простено;

38. давајте и ќе ви се даде: мерка добра, набиена, натресена и преполна ќе ви дадат во пазувите ваши; зашто со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери.“

39. И им кажа парабола: „Може ли слеп да води слеп? Зарем нема и обајцата да паднат во јама?

40. Нема ученик поголем од својот учител; но секој што ќе се усоврши, ќе биде како и учителот негов.

41. И зошто ја гледаш раската во окото на својот брат, а гредата во своето око не ја забележуваш?

42. Или, како можеш да му кажеш на својот брат: дозволи, брате, да ти ја извадам раската од окото твое, кога сам не ја гледаш гредата во своето око? Лицемере, извади ја најнапред гредата од своето око, па тогаш ќе видиш како да ја извадиш раската од окото на својот брат.“

43. „Зашто, нема добро дрво што дава лош плод, ниту лошо дрво, што дава добар плод.

44. Секое, пак, дрво се познава според својот плод; бидејќи не се берат смокви од трње, ниту се бере грозје од капина.

45. Добриот човек од добрата ризница на своето срце изнесува добро, а лошиот човек од лошата ризница на своето срце изнесува лошо, зашто него­ва­та уста го зборува она со што му е исполнето срцето.“

46. „И зошто Ме довикувате: ‚Господи, Господи!‘ а не го извршувате она што ви го кажувам?

47. Ќе ви кажам на кого прилега секој што доаѓа кај Мене, ги слуша зборовите Мои, и ги исполнува.

48. Тој прилега на човек кој градел куќа, па копал длабоко, и поставил темели на камен; а кога настана поплава, реката напна на таа куќа и не можеше да ја помести, зашто беше основана на камен.

Прочитајте целосна глава Лука 6