25. И тој веднаш стана пред нив и си го зеде она, на кое лежеше, па си отиде дома, славејќи Го Бога.
26. Ужас ги обзеде сите и Го славеа Бога; па, исполнети со страв, говореа: „Чудни работи видовме денес!“
27. А потоа излезе Исус и виде еден цариник, по име Левиј, кој седеше во царинарницата, и му рече: „Врви по Мене!“
28. Тој остави сѐ, стана и тргна по Него.
29. И во својот дом Левиј Му приготви голема гозба; а таму имаше многу цариници и други што седеа на трпезата со нив.
30. Книжниците нивни и фарисеите негодуваа против Него и им говореа на учениците Негови: „Зошто со цариници и грешници јадете и пиете?“
31. Исус им одговори и рече: „Здравите немаат потреба од лекар, туку болните;
32. не сум дошол да ги повикам праведните на покајание, туку грешните.“
33. А тие Му рекоа: „Зошто учениците Јованови постат често и се молат, како и фарисејските, а Твоите јадат и пијат?“
34. Тој им рече: „Зар можете да ги натерате сватовите да постат, додека е со нив младоженецот?
35. Но ќе дојдат дни кога ќе се оддели од нив младоженецот и тогаш во тие дни, ќе постат.“
36. Им ја кажа и оваа парабола: „Никој не пришива на стара облека крпа отсечена од нова облека; зашто и новата ќе се отпара, а и на старата не ѝ прилега нова крпа.
37. И никој не налива ново вино во стари мевови; зашто новото вино ќе ги расцепи мевовите, и тоа ќе истече, а мевовите ќе се упропастат;
38. туку, ново вино треба да се става во нови мевови; па така ќе се зачуваат и обете.
39. И никој, откако пиел старо вино, нема веднаш да побара ново; зашто вели: ‚Старото е подобро.‘“