Нов Завет

Лука 23:31-43 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

31. Зашто, кога ова го прават со зеленото дрво, што ќе биде тогаш со сувото?“

32. Водеа и двајца злосторници, за да ги погубат со Него.

33. И кога дојдоа на местото, наречено Черепница, Го распнаа таму Него и злосторниците, едниот оддесно, а другиот одлево.

34. А Исус рече: „Оче, прости им, зашто не знаат што прават!“ И кога го делеа облеклото Негово, фрлија ждрепка.

35. А народот стоеше и гледаше; а и старешините се потсмеваа со Него велејќи: „Други спаси, нека Се спаси и Сам, ако е Тој Христос, избраникот Божји!“

36. Исто така и војниците се подигруваа со Него; приближувајќи се, тие Му принесуваа оцет,

37. и велеа: „Ако си Ти Царот Јудејски, спаси се Сам!“

38. А над Него имаше натпис, напишан со грчки, латински и еврејски букви: „Овој е Царот Јудејски.“

39. Еден од распнатите злосторници хулеше на Него, велејќи: „Ако си Ти Христос, спаси се Себеси и нас!“

40. А другиот, кога одговори, го искара и рече: „Зар и од Бога не се плашиш, кога си веќе и сам осуден?

41. Ние сме праведно осудени, зашто примивме заслужена казна според нашите дела; но Тој ништо лошо не направил.“

42. И Му рече на Исус: „Сети се на мене, Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое!“

43. А Исус му рече: „Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот!“

Прочитајте целосна глава Лука 23