46. И им рече: „Зошто спиете? Станете и молете се за да не паднете во искушение!“
47. И уште додека Тој зборуваше, ете, се појави мноштво луѓе и еден од Дванаесетмината, наречен Јуда, одеше пред нив; и Му пријде на Исус да Го целива. Зашто таков знак им беше дал: „Кого ќе Го целивам, Тој е.“
48. А Исус му рече: „Јудо, со целив ли Го предаваш Синот Човечки?“
49. Оние, пак, што беа со Него, кога видоа што ќе стане, Му рекоа: „Господи, да удриме ли со нож?“
50. И еден од нив го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече десното уво.
51. А Исус одговори и рече: „Оставете го тоа, запрете!“ Па го допре увото негово и го исцели.
52. А на првосвештениците и храмовните управници и на старешините, што беа дошле против Него, Исус им рече: „Како на разбојник ли сте излегле со мечеви и стапови за да Ме фатите?
53. Секој ден бев со вас во храмот и не кренавте рака на Мене, но сега е вашето време и власта на темнината.“
54. И кога Го фатија, Го поведоа и воведоа во домот на првосвештеникот. А Петар оддалеку одеше по Него.
55. Кога запалија оган насреде дворот и седнаа заедно, седна и Петар меѓу нив.
56. А една слугинка, штом го виде како седи покрај огнот, погледна на него и рече: „И овој беше со Него!“
57. Но тој се одрече од Него, велејќи: „Жено, не Го познавам!“
58. Малку потоа го виде еден друг и рече: „И ти си од нив!“ Но Петар му рече: „Човеку, не сум!“
59. А кога мина време околу еден час, еден друг човек почна да тврди, зборувајќи: „Навистина, и овој беше со Него, зашто е Галилеец!“
60. Но Петар рече: „Човеку, не знам што зборуваш!“ И одеднаш, уште додека говореше, запеа петел.
61. Тогаш Господ се заврти и го погледна Петар, а Петар се сети на Господовите зборови што Му ги беше рекол: „Уште додека петел не пропее, трипати ќе се одречеш од Мене.“
62. И штом излезе надвор, заплака горко.
63. А луѓето, што го држеа Исус, Му се потсмеваа и Го тепаа.