Нов Завет

Лука 22:43-54 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

43. И му се јави ангел од небото и Го поткрепуваше.

44. Па, бидејќи се наоѓаше во внатрешна борба, поусрдно се молеше, а потта Му беше како капки крв, што паѓаа на земјата.

45. Штом стана од молитвата, дојде кај учениците Свои и ги најде заспани од тага.

46. И им рече: „Зошто спиете? Станете и молете се за да не паднете во искушение!“

47. И уште додека Тој зборуваше, ете, се појави мноштво луѓе и еден од Дванаесетмината, наречен Јуда, одеше пред нив; и Му пријде на Исус да Го целива. Зашто таков знак им беше дал: „Кого ќе Го целивам, Тој е.“

48. А Исус му рече: „Јудо, со целив ли Го предаваш Синот Човечки?“

49. Оние, пак, што беа со Него, кога видоа што ќе стане, Му рекоа: „Господи, да удриме ли со нож?“

50. И еден од нив го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече десното уво.

51. А Исус одговори и рече: „Оставете го тоа, запрете!“ Па го допре увото негово и го исцели.

52. А на првосвештениците и храмовните управници и на старешините, што беа дошле против Него, Исус им рече: „Како на разбојник ли сте излегле со мечеви и стапови за да Ме фатите?

53. Секој ден бев со вас во храмот и не кренавте рака на Мене, но сега е вашето време и власта на темнината.“

54. И кога Го фатија, Го поведоа и воведоа во домот на првосвештеникот. А Петар оддалеку одеше по Него.

Прочитајте целосна глава Лука 22