Нов Завет

Лука 22:36-48 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

36. И им рече: „Но сега, кој има ќесе, нека си го земе, исто така и торба; а кој нема, нека си ја продаде облеката и нека си купи нож;

37. зашто, ви велам, на Мене треба да се исполни и ова од Писмото: ‚И меѓу злосторници Го вброија.‘ Зашто она што се однесува за Мене, се исполнува.“

38. А тие рекоа: „Господи, еве овде има два ножа.“ Тој им одговори: „Доволни се.“

39. И кога излезе, тргна, како обично, кон Маслиновата Гора; по Него одеа и учениците Негови.

40. А штом дојде на тоа место, им рече: „Молете се за да не паднете во искушение!“

41. И Тој се одвои од нив, колку камен што може да се дофрли, па откако ги преклони колената и се молеше,

42. велејќи: „Оче, кога би сакал да ја тргнеш оваа чаша од Мене! Но нека не биде мојата волја, туку Твојата!“

43. И му се јави ангел од небото и Го поткрепуваше.

44. Па, бидејќи се наоѓаше во внатрешна борба, поусрдно се молеше, а потта Му беше како капки крв, што паѓаа на земјата.

45. Штом стана од молитвата, дојде кај учениците Свои и ги најде заспани од тага.

46. И им рече: „Зошто спиете? Станете и молете се за да не паднете во искушение!“

47. И уште додека Тој зборуваше, ете, се појави мноштво луѓе и еден од Дванаесетмината, наречен Јуда, одеше пред нив; и Му пријде на Исус да Го целива. Зашто таков знак им беше дал: „Кого ќе Го целивам, Тој е.“

48. А Исус му рече: „Јудо, со целив ли Го предаваш Синот Човечки?“

Прочитајте целосна глава Лука 22