Нов Завет

Лука 22:25-38 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

25. Но Тој им рече: „Царевите владеат над народите, а оние што управуваат над нив се викаат добротвори.

26. Вие, пак, немојте така; но поголемиот меѓу вас да биде како најмалиот и тој, што е старешина, да биде како слуга.

27. Зашто кој е поголем, тој што седи на трпеза, или оној што послужува? Зар не е оној што седи? А Јас сум меѓу вас како слуга.

28. Но вие сте оние што издржавте со Мене во Моите искушенија,

29. и Јас ви ветувам, како што Ми вети Мојот Отец, царство,

30. за да јадете и да пиете на трпезата Моја во царството Мое, и да седнете на престоли и да им судите на дванаесетте Израилеви колена.“

31. И рече Господ: „Симоне, Симоне, ете, сатаната посака да ве сее како пченица;

32. но Јас се молев за тебе за да не се изгуби твојата вера; а ти кога ќе се обратиш, укрепи ги браќата свои!“

33. А тој Му одговори: „Господи, готов сум да одам со Тебе и в затвор, и во смрт.“

34. Но Тој му рече: „Ти велам, Петре, нема денес да запее петелот, додека ти трипати не одречеш дека Ме познаваш.“

35. Па им рече: „Кога ве праќав без ќесе, и без торба, и без обувки, дали ви недостасуваше нешто?“ Тие одговорија: „Ништо.“

36. И им рече: „Но сега, кој има ќесе, нека си го земе, исто така и торба; а кој нема, нека си ја продаде облеката и нека си купи нож;

37. зашто, ви велам, на Мене треба да се исполни и ова од Писмото: ‚И меѓу злосторници Го вброија.‘ Зашто она што се однесува за Мене, се исполнува.“

38. А тие рекоа: „Господи, еве овде има два ножа.“ Тој им одговори: „Доволни се.“

Прочитајте целосна глава Лука 22