15. И им рече: „Од сѐ срце сакав да ја јадам оваа Пасха со вас, пред да пострадам;
16. зашто, ви велам: нема веќе да јадам од неа, сѐ додека таа не се исполни во царството Божјо.“
17. И откако ја зеде чашата, заблагодари и рече: „Земете и разделете ја меѓу себе,
18. зашто, ви велам, нема повеќе да пијам од лозовиот плод, додека не дојде царството Божјо.“
19. Потоа зеде леб и заблагодари, го прекрши и им даде, велејќи: „Ова е Моето тело, што се дава за вас; правете го ова за Мој спомен!“
20. Исто така и со чашата, по вечерата, велејќи: „Оваа чаша е Новиот завет во Мојата крв, која се пролева за вас.
21. Но, ете, раката на оној што Ме предава е со Мене на трпезава.
22. Синот Човечки, пак, заминува, според она што е определено, но тешко му на оној човек, што ќе Го предаде.“
23. И почнаа да се прашуваат меѓу себе, кој ли ќе е од нив што ќе го направи тоа?
24. А се појави меѓу нив и расправија, кој од нив да се смета за поголем.
25. Но Тој им рече: „Царевите владеат над народите, а оние што управуваат над нив се викаат добротвори.
26. Вие, пак, немојте така; но поголемиот меѓу вас да биде како најмалиот и тој, што е старешина, да биде како слуга.
27. Зашто кој е поголем, тој што седи на трпеза, или оној што послужува? Зар не е оној што седи? А Јас сум меѓу вас како слуга.