Нов Завет

Лука 22:1-19 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

1. Се приближуваше празникот Бесквасници, наречен Пасха;

2. а првосвештениците и книжниците бараа начин како да Го погубат, зашто се плашеа од народот.

3. И влезе сатаната во Јуда, наречен Искариотски, кој беше вброен меѓу Двана­есетмината.

4. И кога отиде, се договори со првосвештениците и началниците, како да им Го предаде.

5. Тие се зарадуваа и се спогодија со него да му дадат сребреници.

6. Тој вети и бараше погодно време, да им Го предаде без присуство на народот.

7. Дојде денот Бесквасници, кога требаше да се заколе пасхалното јагне;

8. па ги испрати Исус Петар и Јован и им рече: „Одете и пригответе ни пасха, за да јадеме!“

9. А тие Му рекоа: „Каде сакаш да приготвиме?“

10. Тој им рече: „Ете, кога ќе влезете в град, ќе ве сретне човек што носи стомна со вода; одете по него во куќата, каде што ќе влезе,

11. и кажете му на домаќинот од куќата: ‚Учителот ти вели: каде е собата, во која треба да јадам пасха со учениците Свои?‘

12. И тој ќе ви покаже голема одаја, послана; таму пригответе.“

13. Кога отидоа, најдоа како што им беше рекол и ја приготвија пасхата.

14. А кога дојде времето, Тој седна на трпезата и дванаесетмината со него.

15. И им рече: „Од сѐ срце сакав да ја јадам оваа Пасха со вас, пред да пострадам;

16. зашто, ви велам: нема веќе да јадам од неа, сѐ додека таа не се исполни во царството Божјо.“

17. И откако ја зеде чашата, заблагодари и рече: „Земете и разделете ја меѓу себе,

18. зашто, ви велам, нема повеќе да пијам од лозовиот плод, додека не дојде царството Божјо.“

19. Потоа зеде леб и заблагодари, го прекрши и им даде, велејќи: „Ова е Моето тело, што се дава за вас; правете го ова за Мој спомен!“

Прочитајте целосна глава Лука 22