Нов Завет

Лука 20:5-23 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

5. А тие почнаа да размислуваат и да си зборуваат меѓу себе: „Ако кажеме – од небото, ќе рече – Зошто не му поверувавте?

6. Ако, пак, речеме – од луѓето, тогаш сиот народ ќе нѐ каменува, бидејќи е уверен дека Јован беше пророк.“

7. Затоа одговорија: „Не знаеме од каде е.“

8. Исус им рече: „Ниту Јас нема да ви кажам со каква власт го вршам тоа.“

9. И почна да му ја раскажува на народот оваа парабола: „Еден човек насади лозје и го предаде на лозари, па си замина на подолго време.

10. А во свое време испрати кај лозарите еден слуга за да му дадат од родот на лозјето; но лозарите го натепаа и го пуштија празен.

11. И прати повторно друг слуга: но тие и него го натепаа и го посрамија, па го испратија празен.

12. Испрати и трет, а тие и него го ранија и го избркаа.

13. Тогаш господарот на лозјето рече: ‚Што да направам? Ќе го испратам својот возљубен син, можеби кога ќе го видат, ќе се засрамат.‘

14. Но лозарите, штом го видоа, си размислуваа меѓу себе, велејќи: ‚Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и нам да ни остане наследството!‘

15. И кога го изведоа надвор од лозјето, го убија. Што ќе им направи, пак, господарот на лозјето?

16. Ќе дојде и ќе ги погуби овие лозари, а лозјето ќе го предаде на други.“ А оние што слушаа, рекоа: „Да не даде Бог!“

17. Но Тој, кога ги погледна, им рече: „Што значи тогаш напишаното: ‚Каменот што го отфрлија ѕидарите, стана камен темелник‘.

18. Секој што ќе падне врз тој камен, ќе се разбие; а врз кого тој ќе падне, ќе го здроби.“

19. И во тој час првосвештениците и книжниците сакаа да стават рака на Него, но се плашеа од народот; зашто сфатија дека за нив ја кажа оваа парабола.

20. И дебнејќи Го, испратија и лукави луѓе, кои се преправаа дека се праведни, за да Го фатат во некој збор и да можат да Го предадат на началството и на власта управникова.

21. И Го прашаа, велејќи: „Учителе, знаеме дека право зборуваш и учиш, и не гледаш кој е кој, туку вистински поучуваш за патот Божји;

22. Позволено ли ни е да му даваме данок на царот или не?“

23. А Тој го разбра нивното лукавство и им рече: „Зошто Ме искушувате?

Прочитајте целосна глава Лука 20