32. дека ќе биде предаден на незнабошци и ќе се потсмеваат со Него, ќе Го измачуваат и ќе Го плукаат,
33. ќе Го бијат и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе воскресне.“
34. Но тие ништо од ова не разбраа; овие зборови за нив беа сокриени и тие не сфатија што им кажа.
35. А додека се приближуваше Тој до Ерихон, еден слеп човек седеше крај патот и просеше;
36. и штом чу дека покрај него минува народ, се распрашуваше: „Што е тоа?“
37. Му кажаа дека минува Исус од Назарет.
38. Тогаш тој извика и рече: „Исусе, Сине Давидов, смилувај ми се!“
39. Оние што одеа напред, го опоменаа да молчи; но тој уште погласно викаше: „Сине Давидов, смилувај ми се!“
40. Исус застана и заповеда да Му го доведат. И кога му пријде, го праша,
41. велејќи: „Што сакаш да ти направам?“ Тој рече: „Господи, да прогледам!“
42. Тогаш Исус му рече: „Прогледај! Верата твоја те спаси.“
43. И одеднаш прогледа и тргна по Него, славејќи Го Бога. И сиот народ, кога го виде тоа, Му воздаде слава на Бога.