Нов Завет

Лука 18:23-36 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

23. А тој, кога го слушна тоа, многу се нажали, зашто беше многу богат.

24. Штом виде дека тој се растажи, Исус рече: „Колку е тешко во царството Божјо да влезат оние што имаат богатство!

25. Полесно ѝ е на камила да мине низ иглени уши, отколку богат да влезе во царството Божјо.“

26. Оние што го чуја тоа, рекоа: „Тогаш кој може да се спаси?“

27. А Тој одговори: „Неможното за луѓето е можно за Бога.“

28. Петар, пак, рече: „Ете, ние оставивме сѐ и тргнавме по Тебе.“

29. Тој им рече: „Вистина ви велам, нема никој којшто оставил куќа или родители, или браќа, или сестри, или жена, или деца, заради царството Божјо,

30. а да не добил многу повеќе од тоа во ова време, а во идниот век – и живот вечен.“

31. И кога ги зеде со Себе Дванаесетмината, им рече: „Еве, се искачуваме кон Ерусалим и сѐ ќе се исполни, што напишале пророците за Синот Човечки:

32. дека ќе биде предаден на незнабошци и ќе се потсмеваат со Него, ќе Го измачуваат и ќе Го плукаат,

33. ќе Го бијат и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе воскресне.“

34. Но тие ништо од ова не разбраа; овие зборови за нив беа сокриени и тие не сфатија што им кажа.

35. А додека се приближуваше Тој до Ерихон, еден слеп човек седеше крај патот и просеше;

36. и штом чу дека покрај него минува народ, се распрашуваше: „Што е тоа?“

Прочитајте целосна глава Лука 18