Нов Завет

Лука 18:17-30 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

17. Вистина ви велам: кој нема да го прими царството Божјо како дете, тој нема да влезе во него.“

18. И Го праша еден управник, велејќи: „Учителе добар, што да направам за да наследам живот вечен?“

19. А Исус му рече: „Зошто Ме нарекуваш добар? Никој не е добар, освен Единиот Бог.

20. Ги знаеш заповедите: не прави прељуба, не убивај, не кради, не сведочи лажно, почитувај ги татко си и мајка си.“

21. А тој рече: „Сето тоа сум го запазил уште од младоста своја.“

22. Штом го слушна тоа, Исус, му рече: „Уште едно само ти недостасува: продај сѐ што имаш и раздај го на сиромаси, и ќе имаш ризница на небото; потоа дојди и врви по Мене!“

23. А тој, кога го слушна тоа, многу се нажали, зашто беше многу богат.

24. Штом виде дека тој се растажи, Исус рече: „Колку е тешко во царството Божјо да влезат оние што имаат богатство!

25. Полесно ѝ е на камила да мине низ иглени уши, отколку богат да влезе во царството Божјо.“

26. Оние што го чуја тоа, рекоа: „Тогаш кој може да се спаси?“

27. А Тој одговори: „Неможното за луѓето е можно за Бога.“

28. Петар, пак, рече: „Ете, ние оставивме сѐ и тргнавме по Тебе.“

29. Тој им рече: „Вистина ви велам, нема никој којшто оставил куќа или родители, или браќа, или сестри, или жена, или деца, заради царството Божјо,

30. а да не добил многу повеќе од тоа во ова време, а во идниот век – и живот вечен.“

Прочитајте целосна глава Лука 18