Нов Завет

Лука 14:1-19 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

1. Еднаш во сабота влезе кај еден од фарисејските старешини да јаде леб; и тие Го надгледуваа.

2. И ете, застана пред Него човек, кој имаше водена болест.

3. Исус ги запраша закониците и фарисеите, велејќи: „Дозволено ли е да се лекува во сабота?“

4. А тие молчеа. И откако го допре, го излекува и го отпушти.

5. И им одговори и рече: „Кој од вас ако му падне в бунар магаре или вол, нема да го извади веднаш, иако е саботен ден?“

6. И не можеа да Му одговорат на тоа.

7. А кога забележа како поканетите ги одбираат почесните места, им кажа парабола и рече:

8. „Кога ќе те покани некој на свадба, не седнувај на почесно место, зашто, ако случајно е поканет некој со поголема чест од тебе,

9. Па да не дојде оној што ве поканил и тебе и него, па да рече: ‚Отстапи го местото на овој!‘ и тогаш, засрамен ќе седнеш на последното место.

10. Но, кога ќе бидеш поканет, оди и седни на последното место, та оној што те поканил, штом дојде, да ти каже: ‚Пријателе, премести се погоре!‘ Тогаш ќе имаш чест пред оние што седат со тебе на трпезата.

11. Зашто, секој што се возвишува, ќе биде понизен; а тој што се понизува, ќе биде возвишен.“

12. А и на оној што го беше поканил, му рече: „Кога даваш ручек или вечера, не кани ги пријателите свои, ниту браќата свои, ниту роднините свои, ниту богатите соседи, за да не те поканат и тие некогаш и да ти биде возвратено.

13. Но, кога даваш гозба, повикај ги сиромасите, сакатите, куците, слепите,

14. и ќе бидеш блажен, зашто тие немаат со што да ти возвратат, и затоа ќе ти биде возвратено при воскресението на праведните.“

15. А кога го слушна тоа еден од оние што седеа со Него на трпезата, Му рече: „Блажен е оној кој ќе јаде леб во царството Божјо!“

16. А Тој му рече: „Еден човек приготви голема вечера и покани мнозина;

17. и кога беше време за вечерата, го прати слугата свој да им каже на поканетите: ‚Дојдете, зашто веќе сѐ е подготвено!‘

18. И почнаа сите по ред да откажуваат; првиот му рече: ‚Купив нива и ќе треба да одам да ја видам; те молам, извини ме!‘

19. Вториот рече: ‚Купив пет ѕевгари волови и одам да ги пробам; те молам, извини ме!‘

Прочитајте целосна глава Лука 14