Нов Завет

Лука 13:23-35 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

23. Некој, пак, Му рече: „Господи, малку ли се оние што ќе бидат спасени?“ А Тој рече:

24. „Потрудете се да влезете низ тесната врата; зашто ви велам: мнозина ќе сакат да влезат и не ќе можат.

25. Кога ќе стане домаќинот и ќе ја затвори вратата на куќата, а вие, стоејќи однадвор, ќе почнете да чукате и да викате: ‚Господи, Господи, отвори ни!‘ Тој ќе ви одговори и ќе ви рече: ‚Не ве познавам од каде сте!‘

26. Тогаш ќе почнете да зборувате: ‚Ние јадевме пред Тебе и пиевме; и по нашите улици Ти поучуваше.‘

27. А Тој ќе рече: ‚Ви велам: не ве познавам од каде сте; отстапете од Мене сите што вршите неправда!‘

28. Таму ќе настане плач и шкрипење со заби, кога ќе го видите Авраам, Исак и Јаков и сите пророци во царството Божјо, а себе – истерани надвор.

29. И ќе дојдат од исток и запад, и север и југ, и ќе седнат на трпезата во царството Божјо.

30. И така, има последни што ќе бидат први, а има и први што ќе бидат последни.“

31. Во тој ден пристапија некои фарисеи и Му рекоа: „Излези и оди си одовде, зашто Ирод сака да Те убие!“

32. И им рече: „Одете и кажете ѝ на таа лисица: еве, истерувам демони и исцелувам денес и утре – а на третиот ден ќе завршам;

33. но Јас треба да врвам денес, утре и задутре, бидејќи не може пророк да загине надвор од Ерусалим.

34. Ерусалиме, Ерусалиме, ти што ги убиваш пророците и ги каменуваш пратените кај тебе. Колкупати сакав да ги соберам чедата твои како што квачка ги собира пилињата свои под крилја, но не сакавте.

35. И ете, ви се остава пуст вашиот дом. И Јас ви велам дека нема да Ме видите сѐ додека не дојде времето да кажете: ‚Благословен е Оној Кој доаѓа во името Господово!‘“

Прочитајте целосна глава Лука 13