Нов Завет

Лука 12:37-56 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

37. Блазе на оние слуги што ќе ги затече господарот будни, кога ќе си дојде! Вистина ви велам, тој ќе се препаша и ќе им рече да седнат, па ќе пристапи и ќе им служи.

38. А ако дојде и на втора или на трета ноќна стража, и ги затекне така, блазе на тие слуги!

39. Знајте го и тоа дека, ако домаќинот на куќата би знаел во кој час ќе дојде крадецот, тој би седел буден и не би дозволил да му ја поткопаат куќата.

40. Затоа и вие, бидете подготвени, зашто Синот Човечки ќе дојде во часот кога не се надевате!“

41. А Петар Му рече: „Господи, за нас ли ја кажуваш оваа парабола, или за сите?“

42. Тогаш Господ рече: „Кој е тој верен и разборит настојник, кого го поставил неговиот господар над своите слуги, за да им ја дава потребната храна навреме?

43. Блазе на тој слуга, чиј господар, кога ќе дојде, ќе го затекне така да постапува!

44. Вистина ви велам дека тој ќе го постави него над целиот свој имот.

45. Ако, пак, тој слуга си рече во срцето свое: ‚Нема скоро да дојде мојот господар!‘, па почне да ги тепа слугите и слугинките, да јаде и пие и да се опива,

46. господарот на тој слуга ќе дојде во ден во кој не очекува, и во час што не го знае, па ќе го расече на две и ќе му даде удел со неверните.

47. А оној слуга кој ја знае волјата на својот господар и не се приготвил и не постапил според волјата негова, ќе биде многу биен.

48. Кој, пак, не знаел и направил нешто што заслужува тепање, ќе биде малку тепан. Кому му е многу дадено, многу и ќе се бара од него; и кому му е доверено повеќе, повеќе ќе се бара од него.

49. Јас дојдов да фрлам оган на земјата и колку би сакал да се беше веќе разгорел.

50. Со крштевање треба да се крстам и колку Ми е мачно додека не се сврши тоа.

51. Мислите ли дека сум дошол да дадам мир на земјата? Не, ви велам, туку разделеност;

52. Зашто отсега, пет члена во една иста куќа ќе бидат разделени: тројца против двајца и двајца против тројца;

53. Ќе се разделат татко против син и син против татко; мајка против ќерка и ќерка против мајка; свекрва против снаата своја и снаа против свекрвата своја.“

54. А на народот му рече: „Кога гледате дека се крева облак од запад, тогаш велите: ‚Ќе врне дожд!‘ И тоа се случува.

55. А кога дува јужниот ветар, велите: ‚Ќе биде горештина!‘ Па така и бива.

56. Лицемери, знаете како да го распознавате лицето на небото и земјата, зошто ова време не умеете да го распознавате?

Прочитајте целосна глава Лука 12