21. Така се случува со оној што собира богатство за себе, а не се богати во Бога.“
22. И им рече на учениците Свои: „Затоа ви велам: не грижете се за душата своја што ќе јадете, ниту за телото свое што ќе облечете.
23. Зашто душата е многу поскапа од храната, и телото – од облеката.
24. Погледајте ги гавраните! Тие ниту сеат, ниту жнеат! И немаат скривници, ниту житници и Бог ги храни; а колку сте поскапи вие од птиците?
25. А кој од вас, ако се грижи, може да му додаде еден лакт на својот раст?
26. И така, ако ниту најмалото нешто не можете да го направите, зошто се грижите за друго?
27. Погледајте ги криновите како растат! Ниту се трудат, ниту предат; но ви велам дека ниту Соломон, во сета своја слава, не се облече така, како еден од нив.
28. Ако, пак, тревата во полето, која денес ја има, а утре се фрла во оган, Бог така ја облекува, тогаш колку повеќе ќе ве облекува вас, маловерни!
29. Па затоа и вие, не барајте што ќе јадете или што ќе пиете; и не се загрижувајте!