Нов Завет

Лука 11:15-29 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

15. Тогаш некои од нив рекоа: „Тој ги изгонува демоните преку Велзевул, началникот на демоните.“

16. А други, искушувајќи Го, Му бараа знак од небото.

17. Но Тој, знаејќи ги нивните помисли им рече: „Секое царство ако е поделено само против себе, запустува, и дом кој е поделен сам против себе, пропаѓа.

18. И, ако и сатаната се поделил сам против себе, како ќе се одржи царството негово? Зашто велите дека Јас со Велзевул ги истерувам злите духови.

19. И, ако Јас, пак, со Велзевул ги истерувам злите духови, тогаш синовите ваши со кого ги истеруваат? Затоа, тие ќе ви бидат судии.

20. Ако Јас, пак, со прст Божји ги изгонувам демоните, тоа значи дека до вас дошло царството Божјо.

21. Кога силен, вооружен човек, го чува својот двор, тогаш имотот негов е во безопасност.

22. Но, кога ќе дојде некој посилен од него и го надвладее, тој ќе му го земе сето оружје негово, на кое се надевал, и ограбеното од него ќе го раздаде.

23. Кој не е со Мене, тој е против Мене; и кој не собира со Мене, тој растура.

24. Кога нечист дух ќе излезе од човека, тој оди преку безводни места и бара спокојство; и не наоѓајќи, вели: ‚Ќе се вратам во домот свој, од каде што излегов.‘

25. Па, штом дојде, го наоѓа изметен и среден.

26. Тогаш оди и доведува други седум духови, полоши од себе, и кога ќе влезат, живеат таму; и последната состојба на тој човек ќе му биде полоша од првата.“

27. И додека го зборуваше тоа, една жена извика од народот и Му рече: „Блажена е утробата што Те носела, и градите од кои си се хранел!“

28. А Тој рече: „Навистина, блажени се оние што го слушаат словото Божјо и го чуваат.“

29. А на народот, што се собираше, почна да му зборува: „Овој род е зол род; бара знак, но нема да му се даде знак, освен знакот на пророкот Јона;

Прочитајте целосна глава Лука 11