Нов Завет

Лука 11:1-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

1. Еднаш беше Тој на едно место и се молеше. Кога престана, еден од Неговите ученици Му рече: „Господи, научи нѐ да се молиме, како што ги научи Јован учениците свои.“

2. А Тој им рече: „Кога се молите, говорете: ‚Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое; да дојде царството Твое, да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата,

3. лебот наш насушен давај ни го секој ден;

4. и прости ни ги нашите гревови, зашто и ние самите му ги проштеваме на секој наш должник; и не воведувај нѐ во искушение, но избави нѐ од лукавиот!‘“

5. И им рече: „Ако некој од вас има пријател и отиде при него на полноќ, па му каже: ‚Пријателе, дај ми на заем три леба;

6. зашто ми дојде еден пријател од пат и немам што да му принесам.‘

7. И ако оној одвнатре му одговори и рече: ‚Не ме обеспокојувај; портата е веќе затворена и децата се со мене во постела; не можам да станам да ти дадам‘,

8. ви велам дека, макар и да не стане да му даде затоа што му е пријател, сепак ќе стане заради неговата настојчивост и ќе му даде колку што му треба.

9. И Јас ви велам: Молете и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори.

10. Зашто секој што моли – добива, а кој бара – наоѓа, и на оној што чука – ќе му се отвори.

11. И кој татко меѓу вас, ако синот му побара леб, ќе му даде камен? Или ако побара риба, ќе му даде змија место риба?

12. Или, ако побара јајце, ќе му даде скорпија?

13. Па така, значи, ако вие, кои сте лоши, умеете да им давате добри дарови на чедата свои, колку повеќе небесниот Отец ќе им даде Дух Свети на оние што Му бараат?“

Прочитајте целосна глава Лука 11