Нов Завет

Лука 11:1-10 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

1. Еднаш беше Тој на едно место и се молеше. Кога престана, еден од Неговите ученици Му рече: „Господи, научи нѐ да се молиме, како што ги научи Јован учениците свои.“

2. А Тој им рече: „Кога се молите, говорете: ‚Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое; да дојде царството Твое, да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата,

3. лебот наш насушен давај ни го секој ден;

4. и прости ни ги нашите гревови, зашто и ние самите му ги проштеваме на секој наш должник; и не воведувај нѐ во искушение, но избави нѐ од лукавиот!‘“

5. И им рече: „Ако некој од вас има пријател и отиде при него на полноќ, па му каже: ‚Пријателе, дај ми на заем три леба;

6. зашто ми дојде еден пријател од пат и немам што да му принесам.‘

7. И ако оној одвнатре му одговори и рече: ‚Не ме обеспокојувај; портата е веќе затворена и децата се со мене во постела; не можам да станам да ти дадам‘,

8. ви велам дека, макар и да не стане да му даде затоа што му е пријател, сепак ќе стане заради неговата настојчивост и ќе му даде колку што му треба.

9. И Јас ви велам: Молете и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори.

10. Зашто секој што моли – добива, а кој бара – наоѓа, и на оној што чука – ќе му се отвори.

Прочитајте целосна глава Лука 11