Нов Завет

Јован 5:19-35 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

19. А Исус им одговори на тоа и рече: „Вистина, вистина ви велам: Синот не може да прави ништо Сам од Себе, ако не види што прави Отецот; бидејќи она што го прави Тој, тоа истото го прави и Синот.

20. Зашто, Отецот Го сака Својот Син и Му покажува сѐ што Самиот прави; и ќе Му покаже дела поголеми од овие, за да се чудите вие.

21. Зашто, како што Отецот воскреснува мртви и ги оживува, така и Синот ги оживува оние кои сака.

22. Отецот не суди никого, туку целиот суд Му го предаде на Синот;

23. та сите да Го почитуваат Синот, како што Го почитуваат Отецот. Кој не Го почитува Синот, тој не Го почитува ниту Отецот, Кој Го пратил.

24. Вистина, вистина ви велам: кој го слуша словото Мое и верува во Оној Кој Ме пратил, има живот вечен и нема да дојде на суд, туку преминал од смрт во живот.

25. Вистина, вистина ви зборувам: иде часот и веќе е дојден, кога мртвите ќе го чујат гласот на Синот Божји, и тие што ќе го чујат, ќе оживеат.

26. Зашто, како што Отецот има живот во Себе, така Му даде и на Синот да има живот во Себе;

27. и Му даде власт и да суди, зашто Тој е Синот Човечки.

28. Не чудете се на ова, зашто иде часот кога сите, кои се во гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји,

29. и ќе излезат: кои правеле добро – ќе воскреснат за живот, а кои правеле зло, ќе воскреснат за осудување.

30. Јас ништо не можам да правам Сам од Себе. Како што слушам, така и судам, и Мојот суд е праведен, зашто не ја барам Мојата волја, туку волјата на Отецот Кој Ме прати.

31. Ако Јас сведочам Сам за Себе, сведоштвото Мое нема да биде вистинито.

32. Но има Друг што сведочи за Мене; и знам дека е вистинито тоа сведоштво со кое Тој сведочи за Мене.

33. Вие пративте кај Јован и тој ви посведочи за вистината.

34. Не дека Јас примам сведоштво од човек; туку ова го кажувам за да се спасите вие.

35. Тој беше светило што гори и свети, а вие сакавте да се порадувате на неговата светлина за кратко време.

Прочитајте целосна глава Јован 5