Нов Завет

Јован 5:19-31 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

19. А Исус им одговори на тоа и рече: „Вистина, вистина ви велам: Синот не може да прави ништо Сам од Себе, ако не види што прави Отецот; бидејќи она што го прави Тој, тоа истото го прави и Синот.

20. Зашто, Отецот Го сака Својот Син и Му покажува сѐ што Самиот прави; и ќе Му покаже дела поголеми од овие, за да се чудите вие.

21. Зашто, како што Отецот воскреснува мртви и ги оживува, така и Синот ги оживува оние кои сака.

22. Отецот не суди никого, туку целиот суд Му го предаде на Синот;

23. та сите да Го почитуваат Синот, како што Го почитуваат Отецот. Кој не Го почитува Синот, тој не Го почитува ниту Отецот, Кој Го пратил.

24. Вистина, вистина ви велам: кој го слуша словото Мое и верува во Оној Кој Ме пратил, има живот вечен и нема да дојде на суд, туку преминал од смрт во живот.

25. Вистина, вистина ви зборувам: иде часот и веќе е дојден, кога мртвите ќе го чујат гласот на Синот Божји, и тие што ќе го чујат, ќе оживеат.

26. Зашто, како што Отецот има живот во Себе, така Му даде и на Синот да има живот во Себе;

27. и Му даде власт и да суди, зашто Тој е Синот Човечки.

28. Не чудете се на ова, зашто иде часот кога сите, кои се во гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји,

29. и ќе излезат: кои правеле добро – ќе воскреснат за живот, а кои правеле зло, ќе воскреснат за осудување.

30. Јас ништо не можам да правам Сам од Себе. Како што слушам, така и судам, и Мојот суд е праведен, зашто не ја барам Мојата волја, туку волјата на Отецот Кој Ме прати.

31. Ако Јас сведочам Сам за Себе, сведоштвото Мое нема да биде вистинито.

Прочитајте целосна глава Јован 5