3. Тогаш излезе Петар и другиот ученик, и појдоа кон гробот.
4. И обајцата трчаа заедно, но другиот ученик трчаше побргу од Петар и прв дојде до гробот.
5. И кога се наведна, виде дека лежи само повојот; но не влезе.
6. По него дојде Симон Петар, влезе во гробот и виде дека само повојот стои;
7. а крпата, што Му беше на главата негова, не стоеше кај повојот, туку одделно, свиткана на едно место.
8. Тогаш влезе и другиот ученик, кој прв дојде до гробот, и виде, и поверува,
9. зашто уште не го знаеја Писмото дека Тој треба да воскресне од мртвите.
10. Тогаш учениците се вратија дома.
11. А Марија стоеше кај гробот однадвор и плачеше. И, плачејќи, се наведна над гробот;
12. и виде два ангела во бели облеки како седат, едниот кај главата, а другиот кај нозете, каде што беше лежело телото Исусово.
13. Тие ѝ рекоа: „Жено, зошто плачеш?“ Им одговори: „Го земале Господа мој и не знам каде Го положиле!“
14. Штом го рече ова, се заврте назад и Го виде Исуса како стои; но не знаеше дека е Исус.
15. Исус ѝ рече: „Жено, зошто плачеш? Кого го бараш?“ Таа, мислејќи дека е градинарот, Му рече: „Господине, ако си Го зел Ти, кажи ми каде си Го положил, и јас ќе Го земам.“