Нов Завет

Јован 20:2-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

2. Тогаш отрча и дојде кај Симон Петар и кај другиот ученик, кого Исус го љубеше, и им рече: „Го земале Господа од гробот и не знам каде Го положиле.“

3. Тогаш излезе Петар и другиот ученик, и појдоа кон гробот.

4. И обајцата трчаа заедно, но другиот ученик трчаше побргу од Петар и прв дојде до гробот.

5. И кога се наведна, виде дека лежи само повојот; но не влезе.

6. По него дојде Симон Петар, влезе во гробот и виде дека само повојот стои;

7. а крпата, што Му беше на главата негова, не стоеше кај повојот, туку одделно, свиткана на едно место.

8. Тогаш влезе и другиот ученик, кој прв дојде до гробот, и виде, и поверува,

9. зашто уште не го знаеја Писмото дека Тој треба да воскресне од мртвите.

10. Тогаш учениците се вратија дома.

11. А Марија стоеше кај гробот однадвор и плачеше. И, плачејќи, се наведна над гробот;

12. и виде два ангела во бели облеки како седат, едниот кај главата, а другиот кај нозете, каде што беше лежело телото Исусово.

13. Тие ѝ рекоа: „Жено, зошто плачеш?“ Им одговори: „Го земале Господа мој и не знам каде Го положиле!“

14. Штом го рече ова, се заврте назад и Го виде Исуса како стои; но не знаеше дека е Исус.

15. Исус ѝ рече: „Жено, зошто плачеш? Кого го бараш?“ Таа, мислејќи дека е градинарот, Му рече: „Господине, ако си Го зел Ти, кажи ми каде си Го положил, и јас ќе Го земам.“

16. Исус ѝ рече: „Марија!“ Таа се заврти и Му рече: „Равуни“ – што значи: „Учителе!“

17. И рече Исус: „Не допирај се до Мене, зашто уште не сум се вратил кај Мојот Отец; туку отиди кај браќата Мои и кажи им: се враќам кај Својот Отец и вашиот Отец, кај Својот Бог и кај вашиот Бог.“

18. Дојде Марија Магдалена и им кажа на учениците дека Го видела Господа и дека тоа ѝ рекол.

Прочитајте целосна глава Јован 20