Нов Завет

Јован 20:15-29 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

15. Исус ѝ рече: „Жено, зошто плачеш? Кого го бараш?“ Таа, мислејќи дека е градинарот, Му рече: „Господине, ако си Го зел Ти, кажи ми каде си Го положил, и јас ќе Го земам.“

16. Исус ѝ рече: „Марија!“ Таа се заврти и Му рече: „Равуни“ – што значи: „Учителе!“

17. И рече Исус: „Не допирај се до Мене, зашто уште не сум се вратил кај Мојот Отец; туку отиди кај браќата Мои и кажи им: се враќам кај Својот Отец и вашиот Отец, кај Својот Бог и кај вашиот Бог.“

18. Дојде Марија Магдалена и им кажа на учениците дека Го видела Господа и дека тоа ѝ рекол.

19. А вечерта во истиот ден, првиот од седмицата, кога вратата, каде што беа учениците Негови собрани, беше затворена поради страв од Јудејците, дојде Исус, застана насреде и им рече: „Мир вам!“

20. И ова штом го рече, им ги покажа рацете и нозете и ребрата Свои. Се зарадуваа тогаш учениците, штом Го видоа Господа.

21. А Исус пак им рече: „Мир вам! Како што Ме прати Отецот, така и Јас ве праќам.“

22. И кога им го кажа ова, дувна и им рече: „Примете Дух Свети!

23. На кои ќе им ги простите гревовите, ќе им се простат, а на кои ќе им ги задржите, ќе им се задржат.“

24. А Тома, еден од дванаесетмината, наречен Близнак, не беше со нив кога дојде Исус.

25. Другите ученици му рекоа: „Го видовме Господа!“ А тој им рече: „Додека не ги видам раните од клинците на рацете Негови, и не го ставам прстот свој во раните од клинците, и не ја ставам раката своја во ребрата Негови, нема да поверувам!“

26. А по осум дена учениците Негови пак беа собрани, и Тома со нив. Дојде Исус, кога вратата беше заклучена, застана меѓу нив и рече: „Мир вам!“

27. Потоа му рече на Тома: „Дај го прстот свој овде и види ги рацете Мои; дај ја раката своја и стави ја во ребрата Мои; и не биди неверник, туку верник!“

28. Одговори Тома и Му рече: „Господ мој и Бог мој!“

29. Исус му рече: „Ти поверува затоа што Ме виде; блажени се оние кои не виделе, а поверувале.“

Прочитајте целосна глава Јован 20